Семејството Стојановиќ од Косово ментално заболело од бомбите на НATO

Животот на шесточленото семејство Стојановиќ од селото Стража во Косово се претворил во вистински хорор од 1999 година кога сите членови на ова семејство ментално заболеле по агресијата на НАТО.

До тогаш Градимир и Бисерка живееле потполно нормално со своите четири сина, Игор (27), Милош (26), Стефан (25) и Александар (17). Поради војната условите за живот им биле толку влошени што биле под секоја граница.

Поради претрпен страв и трауми за време на војната во Косово, родителите ментално заболеле, но во уште полоша состојба се нашле нивните синови Милош и Игор.

Милош тогаш имал 10, а Игор 9 години, нивниот живот се претворил во преживување во нехумани услови.

Авиони, бомби, рафали од пушки…  тие слики во нивниот ум сѐ уште не можат да избледат. За жал, никогаш нема да имаат спомени од прва љубов, дружење со другари, патувања, школување, прва работа, брак, деца…

Во најтешка состојба е Игор, кој до пред неколку години не можел буквално да стане од кревет. Денес може да стане и да прошета меѓу своите четири ѕида и одвај да изговори некој збор.

Семејството Стојановиќ преживеало благодарение на помошта на Рашко-призренската епархија и на организацијата „Мајка на девет југовиќи“, кои секојдневно им носеле оброци. Покрај тоа, тие имале две крави и неколку кози, а за нив се грижи најмалиот член на семејството, 18-годишниот Александар, кој е најсветлата точка. Токму тој со помошта на добрите луѓе се грижи за своите браќа и за родителите.

Фотографиите најдобро говорат за состојбата на куќата во која живееле. Во неа имало три соби со земјен под, а таванот се распаѓал. Дополнителен проблем претставувало тоа што  во ова село немало вода, па ја носеле до својата куќа од место оддалечено неколку километри. Нема лекари, продавница…

Сепак,  најголемиот проблем за овие луѓе бил што биле  заборавени и препуштени на самите себе во својата мака, а целиот товар паѓал на 17-годишниот Александар.

Семејството Стојановиќ во неколку наврати добило скромна помош од хуманитарната организација „Срби за Срби“. Им обезбедиле кревети, маса, столови, фрижидер… Истата организација минатата година ги посетила, но тогаш во куќата биле само Игор и Милош, кои се во тешка психичка состојба. Тие едвај зборуваат, а деталите за ова семејство ги објаснила Светлана,  која ги води народната кујна и фармата за кози во Косово и која секојдневно им помага.

Откако  ги виделе катастрофалните услови во кои живеело семејството Стојановиќ, отсечени од цивилизација, организацијата организирала голема хуманитарна акција и до минатиот Божик собрале 20.000 евра за изградба на нова куќа, во која семејството ќе може да живее во пристојни услови.

Во текот на пролетта изградена им е потполно нова куќа од темел.

Она што е најважно, во селото Стража доведена е и вода, така што животот на ова семејство станал полесен, нивното секојдневие драстично се променило, а тоа може да се види на нивните лица при вселувањето во новата куќа.

 

Scroll to Top