Карен Анвил, мајка на седумнаесетгодишната Рејчел од Велика Британија, ја искористила можноста и ги фотографирала двете млади кралски двојки за време на божиќната миса.
На фотографијата четворицата се насмевнуваат и Карен сега се надева дека фотографијата ќе може да ја продаде и на тој начин да го плати факултетот на својата ќерка.
Карен Анвил (39) од Ватлингтон во Норфолк успеала да ги фотографира војводата и војвотката од Кембриџ, како и принцот Хари и Меган Маркл во Сандрингхам.
Фотографијата ја објавила на „Твитер“, а таму е лајкувана преку 4000 пати. Со тоа веќе го привлекла меѓународното внимание, пренесува Би-би-си.
Госпоѓа Анвил и нејзината ќерка Рејчел (17) веќе неколкупати имале можност да го видат кралското семејство во текот на годишната божиќна служба.
Таа изјавила дека минатата година била болна, и дека ѝ ветила на ќерка си дека ќе замине во црквата „Света Марија Магдалена“ во Сандринхам за Божиќ.
Четири часа по објавувањето на фотографијата, таа и понатаму добивала пораки во кои луѓето барале од неа дозвола да ја користат фотографијата, а други корисници на „Твитер“ барале да преговараат за цената.
На почетокот таа дозволувала да ја користат фотографијата, а потоа луѓето за тоа почнале да ѝ нудат пари за авторски права.
„Јас сум самохрана мајка и отсекогаш сум работела две работи. Сега сакам да заштедам пари за факултет за мојата ќерка. Ако успеам да го направам тоа, ќе биде неверојатно“, изјави таа.