Со новите промени на „Фејсбук“, Цукерберг изгуби 3,3 милијарди долари

Одлуката на Марк Цукерберг да го врати старото издание на „Фејсбук“, односно на местото на рекламите во „њуз фид“, да се гледаат објавите на пријателите, го чинеше 3,3 милијарди долари, а вредноста на акциите на компанијата паднале речиси 4,4 проценти.

Британски „Индипендент“ пишува дека откако „Фејсбук“ во четвртокот ги објави промените, вредноста на акциите веќе во петокот паднала на берзата.

Магазинот „Форбс“ пресметал дека овој потег Марк Цукерберг го чинел 3,3 милијарди долари, што е речиси 4,4 отсто од неговото вкупно богатство.

Цукерберг како причина за оваа измена наведе дека би сакал пријателите и семејствата да бидат приоритети на мрежата, а не бизнисите и брендовите.

„Го создадовме ‘Фејсбук’ за да им помогнеме на луѓето да останат поврзани и да станеме поблиски со оние што ни се важни. Но, во последно време добиваме само повратни информации од нашата заедница дека јавните содржини, како што се објавите на компанијата, брендовите и медиумите, ги задушуваат приватните“, изјави Цукерберг.

Од компанијата „Фејсбук“ изјавија дека се уверени оти промената на долг рок ќе биде исплатлива и дека најважна им е среќата на корисниците, кои повеќе ги сакаат објавите на пријателите, а помалку лажните вести и плаќањето на содржините.

 

 

Scroll to Top