Севернокорејскиот лидер Ким Ѓонг-ун изјави дека САД би требало да бидат свесни дека нуклеарните сили на Северна Кореја сега се реалност, а не закана, пренесува агенцијата „Асошиетед прес“.
Во новогодишниот говор, емитуван на државната телевизија, Ким изјави дека Северна Кореја постигнала историски успех со целосното пополнување на своите нуклеарни сили наведувајќи дека тој го има нуклеарното копче на својата маса.
„САД би требало да знаат дека копчето за нуклеарно вооружување е на мојата маса. САД се на домет на нашето нуклеарно оружје. САД никогаш не можат да почнат војна против мене и мојата земја“, изјави Ким.
Како што изјави тој, оваа година Северна Кореја би требало да се фокусира на масовното производство на нуклеарните бојни глави и балистичките ракети за оперативно распоредување.
„Тоа оружје би се користело само ако нашата безбедност е загрозена“, изјави Ким.
Истовремено, тој повика на подобрување на односите со Јужна Кореја, како и на тоа дека Зимските олимписки игри се добра можност да се покажат можностите на двете корејски нации.
Според неговите зборови, Северна и Јужна Кореја би требало итно да се сретнат за да расправаат за испраќање свои делегации на ЗОИ.
Ким за време на обраќањето го носел својот сив костим и вратоврска, а за време на говорот ги спомена и економските достигнувања и ја истакна важноста на унапредувањето на животниот стандард на нацијата.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, на ваквото обраќање на Ким само кратко изјави: „Ќе видиме!“