Астероид поголем од најголемиот облакодер ќе помине покрај Земјата на 4 февруари

Астероид поголем од кој било досега изграден облакодер се движи кон Земјата и, според предвидувањата, покрај нашата планета ќе помине на 4 февруари на оддалеченост од околу 4,2 милиони километри. Ако се случи да удри во неа, научниците сметаат дека би следела деценија на студ и мрак.

Астероидот под името 2002 АЈ129 е откриен уште на 15 јануари 2002 година, во рамки на проектот следење астероид што минува во близина на Земјата, под покровителство на НАСА, наведува порталот phys.org.

ПОТЕНЦИЈАЛНО ОПАСЕН АСТЕРОИД

Иако овој астероид е категоризиран како „потенцијално опасен астероид“, не постои опасност дека ќе се судри со нашата планета во догледна иднина, пишува порталот.

„Го следиме овој астероид повеќе од 14 години и прецизно ја познаваме неговата орбита. Нашите пресметки покажуваат дека астероидот 2002АЈ29 нема да се судри со Земјата на 4 февруари, ниту кога било во наредните 100 години“, вели Пол Чодас, директорот од Центарот за проучување на објектите во близина на Земјата при НАСА.

СЕ ДВИЖИ КОН ХАЈД ПАРК

Поедини медиуми, меѓу кои и британски „Дејли мејл“, објавија алармантни текстови за брзината и опасноста од астероидот со фотографии на кои се гледа како огромен астероид се движи кон Хајд паркот, со наслов „Судниот ден?“.

Затоа не чуди фактот што еден загрижен граѓанин ѝ испратил на НАСА линк за медиумските наводи дека астероидот е на пат да удри во нашата планета со прашањето зошто американската космичка агенција не зборува ништо за тоа, наведува „Вашингтон пост“.

НАСА, напоменува американскиот весник, во 2016 година со Федералната агенција за управување со вонредни ситуации извела симулација на замислени последици од евентуален судир на астероидот со Земјата.

ЕВАКУАЦИЈА ЛОС АНЏЕЛЕС

Вежбата подразбирала масовна евакуација на Лос Анџелес, но дискутирано е и како да се третираат лажните информации кои би можеле да се појават во пресрет на претпоставениот удар.

За среќа, не е познато дека таков астероид постои, заклучува американскиот весник.

Видете го  следењето на астероидот:

Scroll to Top