Родено најситното бебе во Србија, едвај 350 грама

Bo белградското породилиште, Гинеколошко-акушерската клиника „Народен фронт“, пред три недели беше родено бебе со едвај 350 грама и беше најмалото родено бебе што преживеало во Србија.

Според зборовите на началникот на породилиштето во ГАК „Народен фронт“, професор доктор Снежана Ракиќ, здравствената состојба на девојчето родено во 28. недела е добра.

Бебето, поради застој во растот, е родено со 350 грама пред одредениот термин, наведува „Блиц“ додавајќи дека успеало да достигне друга стапка на развој и да ги стигне врсниците со поголема тежина.

„Застој во растот е многу редок случај и може да се јави поради многубројни причини, а најчесто е тоа хипертензија, промена на плацентата или генетска аномалија. Кај овие бебиња се работи за многу тежок застој. Толку мали бебиња обично се раѓаат под 20. недела“, изјави Ракиќ.

Како што објаснила докторката, во 28. недела бебето треба да биде потешко од еден килограм.

„За среќа, кај бебето што има застој во растот доаѓа до забрзано созревање на белите дробови и другите органи и благодарение на тоа новороденчето дојде на свет и сега е во релативно добра состојба“, додала Ракиќ.

Таа истакнала дека бебето е преместено на Институтот за неонатологија.

„Според сознанијата на нашите лекари, сè тече како што треба, бебето дише, нормално јаде. Мајката е здрава и отпуштена од болница“, истакна професорката.

Ова е најмалото бебе родено во Србија, а пред неа рекордот го држеше Вук, кој се роди во 24. недела во ГАК во „Вишеградска“ со 470 грама поради грешка на лекарите, додала Ракиќ.

 

Scroll to Top