Бранот сибирски студ што во последните денови ја зафати цела Европа досега предизвика 40 смртни случаи, јавува АФП и додава дека повеќето од мртвите се бездомници.
Снегот ги отежнува сообраќајните активности во голем дел во Европа и на Балканот.
Студениот бран предизвика пад на температурите и до 17 степени под нулата.
Се очекува студеното време да продолжи и во наредните два дена, а температурите да бидат уште пониски. За среќа, студот нема да биде придружен со силен ветер.
Во наредната недела следи затоплување, но и нови проблеми
На крајот на неделава и почетокот на наредната стигнува затоплување, поради што снегот наеднаш ќе се стопи и ќе создаде нови проблеми. Од Црвениот крст ги повикуваат сите кои немаат каде да се стоплат да се јават на најблиските прифатилишта и да не се изложуваат на опасност од смрзнување.
Идната недела, во понеделник и во вторник, се очекува температурите да стигнат до 10 степени Целзиусови. Според метеоролошките станици низ Балканот, утринските температури се очекува да се искачат над нулата.
Популарниот сервис Sever Weather Eurоpe објави анимација за идните десет дена на која се гледа дека поларниот бран по четврток постепено ќе ги напушти балканските краишта и температурите од ден во ден ќе растат. Ладната поларна маса ќе се задржи само на северот од Европа.
Поради големиот студ, руски „Газпром“ објави дека за шест дена ги надминал сите рекорди на дневна испорака на плин во Европа. Само во понеделникот се испорачани 666,8 666,8 милиони метрички тони гас.