Полковник Ник Дучиќ, Американец со српско потекло, е нов командант во базата на Бондстил кај Урошевац во рамки на Мултинационалната бригада на КФОР, јавуваат косовските медиуми.
„Јас сум првиот американски офицер со српско потекло кој командува со мултинационална борбена група на исток“, изјавил полковник Дучиќ наведувајќи дека трупите под негова команда ќе продолжат да помагаат во развојот на стабилно Косово.
На Косово стигнал како командант на 79. пешадиска бригада на Националната гарда на Калифорнија и денеска ја презел должноста од досегашниот командант на Источниот сектор, полковник Мајкл Спаргинс.
Ник Дучиќ завршил воен колеџ во 2014 година, а магистрирал на Универзитетот Мериленд како нуклеарен инженер. Високото образование го почнал на Калифорнискиот политехнички универзитет.
Бил ангажиран и на проектот на обука на украинската војска и креирање план вооружените сили во оваа држава до 2020 година да ги исполнат НАТО стандардите, се наведува на неговиот профил на „Линкедин“.
По фотографиите на интернет може да се забележи дека се борел во Ирак во 2011 и 2012 година.
На фејсбук-профилот на полковник Дучиќ, меѓу другото, лајкувани се страниците на српската црква Свети Ѓорѓија во Сан Диего и српскиот клуб Опленец од Торонто.
Ник Дучиќ не ја крие својата поврзаност со Србија. Неговите деца носат српски имиња, а со членовите на своето семејство често ја посетува српската црква во Америка.
Има три деца, синовите Иван и Лук и ќерката Наталија, а сопругата му се вика Тиа. Сите се донатори на церемонијата по повод канонизацијата на архимандритот Себастијан и епископот Мардари во српската црква Свети Стефан во Алхамбра, Калифорнија.
На истиот настан бил присутен и српскиот патријарх Иринеј.