Иако повеќето експерти сметаат дека диносаурусите исчезнале од нашата планета поради пад на астероид пред околу 65 милиони години, една од најновите студии тврди нешто сосема друго како причина за исчезнувањето на овие рептили од Земјата.
Новата анализа објавена од научниците од Државниот универзитет во Њујорк вели дека диносаурусите
биле загрозени од исчезнување многу пред евентуалниот удар на астероидот.
Професорот и еволутивен психолог Гордон Галуп и неговиот поранешен студент Мајкл Фредерик тврдат дека појавата на отровни растенија, како и неспособноста на диносаурусите да детектираат одредени видови храна како опасносни довело до драстично намалување на видовите во времето кога астероидот ја удрил нашата планета. За да го објаснат одбранбениот механизам, Галуп го дава примерот со стаорците.
„Причина за неуспешните обиди да се намалат драстично популациите на стаорци во градска средина е што тие, како и многу други видови еволуирале на начин кој им овозможува да се справат со токсичноста на растенијата. Кога стаорците ќе дојдат до нова храна обично ја пробуваат обидувајќи да се задоволат со мала количина од него. Ако се разболат, покажуваат извонредна способност да избегаат од неа кога ќе ја
сретнат повторно. Тоа е затоа што го поврзуваат вкусот и мирисот со негативната реакција”.
Првите цветни растенија наречени ангиосперми или покритосемени се појавуваат во фосили пред астероидниот удар и точно пред диносаурусите да почнат постепено да исчезнуваат. Галуп и Фредерик тврдат дека иако растенијата развиваат токсична одбрана, диносаурусите продолжуваат да ги јадат и покрај стомачните проблеми. Иако постои некое двоумење и несигурност за точниот период во кој цветните растенија стануваат отровни,
Галуп и Фредерик забележуваат дека нивната појава се совпаѓа со постепеното изумирање на диносаурусите.