Околу 35.000 војници ќе учествуваат во воените вежби на НАТО-пактот, кој во октомври ќе се одржи во Норвешка. Тоа ќе биде најголемата воена вежба во таа земја уште од времето на Студената војна.
Скандинавската земја, која се граничи со Русија на Арктикот, ќе ги прими трупите од 30 земји во текот на воените вежби, кои се закажани за октомври и ноември оваа година.
На вежбата ќе учествуваат 120 авиони, 70 брода и 10.000 возила, и тоа во момент кога тензиите меѓу Москва и Западот се на високо ниво.
Операциите ќе се одржат во регионот од северен Атлантик и Балтичкото море, вклучувајќи го и Исланд, како и воздушниот простор на Финска и Шведска.
The challenge of snow and cold for the @NATO #eFP 🇳🇱Dutch troops conducting ex #ScorpionStrike in Lithuania #WeAreNATO pic.twitter.com/j4WTlTU7gt
— Lithuanian MoD (@Lithuanian_MoD) February 26, 2018
На вежбата ќе учествуваат воздушни, поморски, копнени сили и специјални единици.
Портпаролот на операцијата, Френк Солвсберг, изјавил дека вежбите ќе бидат трипати поголеми од сите претходно одржани во Норвешка.
„Ова ќе биде голема и важна вежба, која ќе влијае на многумина“, изјавил Солвсберг.
Норвежаните се предупредени дека поради обемот на акцијата, повеќе од 100 општини ќе бидат директно или индиректно вклучени во неа.
Овие вежби се одржуваат на 3 години, а последен пат се одржале на Медитеранот, во близина на Италија, Шпанија и Португалија.
Како што пренесуваат норвешките медиуми, за време на вежбата на алијансата во одбрана на Норвешка 35.000 војници ќе бидат стационирани во делот од југоисточна и централна Норвешка.
Главните вежби ќе се одржуваат од 25 октомври до 7 ноември, но подготовките ќе почнат веќе во август.
Американскиот адмирал Џејмс Фого Трети, кој во моментот командува со Американските поморски сили на Европа, ја посетил Норвешка пред планираната вежба.
„Тоа е неверојатна можност за обука за сите вклучени страни. Мислам дека ќе се испрати јасна порака до сите што имаат цел да ја загрозат алијансата“.
Вежбите ќе се одржуваат сè додека тензиите меѓу Русија и Западот поради Сирија продолжат да растат.