Уганда има намера да воведе данок за користење на социјалните мрежи, а овој специјален трошок ќе го плаќаат сите корисници на мобилни телефони кои имаат инсталирано некоја од апликациите „Ватсап“, „Твитер“ или „Фејсбук“.
Владата на Уганда таквиот потег го оправдува со грижата за националната безбедност на земјата и потребата за проширување на електричната мрежа. Како што наведува порталот „Африкен“, владата на оваа земја честопати има невообичаени идеи. Таа претходно најави лансирање државна социјална мрежа, но исто така и набавка на детектори за порнографија.
„Потребни ни се пари за да ја одржиме безбедноста на земјата и да ја прошириме енергетската мрежа со цел сите граѓани да можат почесто да уживаат во социјалните мрежи“, рекла министерката за финансии на Уганда, Матија Касаиј.
Сепак, за многу критичари на власта, оваа одлука не е изненадување бидејќи, како што велат, владата одамна се обидува да ја ограничи употребата на социјални мрежи. Така на пример, тие биле забранети за време на изборите во Уганда. Претседателот Јовери Јагута Мусевени, исто така, неодамна ја најави можноста за воведување данок за нивната употреба со цел истата да се намали, но и, како што рече, да се спречи ширењето шпекулации.