Израел се подготвува за војна со Иран

Неодамнешниот воздушен напад врз базата во сирискиот град Гама, во кој загинаа 20-ина лица, а ранети се над 30 ирански борци, бил извршен од страна на Израел. Ова го тврдат тројца американски официјални лица оценувајќи дека ваквиот потег е нов показател дека Израел и Иран се приближуваат кон отворен конфликт.

Овие неименувани официјални лица веруваат дека Израел сега се подготвува за воена акција и дека од нив ќе бара американска помош и поддршка, пренесува мрежата „Ен-би-си њуз“.

„На листата со потенцијални најверојатни конфликти во светот, сега на самиот врв се наоѓа конфликтот меѓу Израел и Иран во Сирија“, вели висок американски претставник.

Тројцата официјални лица на САД наведуваат дека израелските авиони „Ф-15“ го погодиле градот Хама кога Иран испорачал оружје во базата во која е сместена иранската 47. Бригада, вклучувајќи ги и ракетите „земја-воздух“.

Израел, како што е наведено, сѐ повеќе станува свесен за влијанието на Иран во соседна Сирија. И додека Русија води воздушна војна на страната на сириската држава, Иран води копнена војна, тврдат овие официјални лица, наведувајќи дека иранските борци се наоѓаат во секоја поголема руска и сириска база во земјата.

Во текстот се потсетува дека минатата недела високи воени официјални лица на Израел се состанале со американските колеги барајќи поддршка за поголема акција против Иран во Сирија.

Американските официјални лица велат дека од страна на еден од израелските претставници им е ветена разузнавачка поддршка.

 

 

Scroll to Top