Нета, претставничката на Израел е годинашен победник на Евровизија. Таа во Алтис арената во Лисабон ја пееше песната Тоу. Израел победи со вкупно освоени 529 поени. Нета имаше најмногу поени од телевоутингот, а беше трета според поените на стручното жири.
Во финалето на Евровизија се натпреваруваа 26 земји. Победникот беше прогласен преку собраните гласови од жирито и телевоутингот од сите 43 земји учеснички. Гласовите се доделуваа по принципот 50-50. Од жирито најмногу гласови доби Австрија, втора беше Шведска, а трета беше Израел. Македонија 12 поени од жирито ѝ ги даде на Естонија.
Израелската евровизиска преставничка Нета, ќе остане запаметена и по настапот во првото полуфинале на музичкото натпреварување, кога падна по скалите зад сцената на Евровизија. Камерите што ги следат сите изведувачи го снимија моментот во кој таа паѓа, а видеото веднаш беше објавено на социјалните мрежи.
За време на настапот на британската пејачка Сурај, демонстрант истрча на сцената и ѝ го зеде од раце микрофонот. Пејачката остана смирена и ја заврши докрај изведбата на песната Storm. Од Европскиот радиодифузен совет соопштија дека одговорното лице е приведено и дека се наоѓа во полициски притвор. Тие објавија и дека финалето на Евровизија го гледаа околу 200 милиони гледачи.