Кучињата биле верни на луѓето во текот на војните, но за време на Првата светска војна едно куче особено се има издвоено. Стаби, кучето кое има толку одликувања, доби дури и чин наредник.
Четириножните пријатели, според археолошките налози, се најмалку девет илјади години со нас. Тие се чувари и спасители на човечкиот вид, а за нивната храброст, сила, издржливост и лојалност сведочат бројни приказни.
Една од најпознатите приказни е за наредник Стаби, најодликуваното куче за време на Првата светска војна и единствено куче кое е унапредено во чин наредник поради заслуги во борбата.
Стаби бил мешавина од куче скитник и бостонски териер, кој се појавил од никаде во јули 1917 година во кампусот во Универзитетот Јејл во Њу Хејвен, додека група војници биле на тренинг. Малиот четириножен војник совршено се вклопил меѓу нив, учествувал во вежбите, па дури и наводно научил да салутира спуштајќи ја десната шепа.
За краток период го освоил срцето на каплар Роберт Конрој, кој го посвоил и му го дал името Стаби, поради краткиот дебел опаш. Кога стигнало време да тргне за Европа, војникот Конрој успеал да го прокриумчари Стаби и да го однесе во рововите во Франција каде што бил изложен на воени отрови. По заздравувањето се вратил на Западниот фронт, а овој пат му била дизајнирана специјална гас-маска. Со оглед на тоа дека и самиот бил изложен на отровни гасови, научил како да ги предупреди војниците на опасност. Исто така умеел да ги лоцира ранетите од патролата, а во еден момент дури и успеал да зароби германски шпион.
По ослободувањето на Шато Тиери, жените во знак на благодарност му сошиле капут, на кој му биле закачени неговите бројни медали.
За 18 месеци „воен стаж“, Стаби учествувал во 17 битки, преживеал бројни ранувања и константно го подигал моралот кај своите соборци. По завршувањето на војната, Конрој го вратил назад. Станал американска национална икона и предводел бројни паради ширум САД, сè до неговата смрт во 1926 година.
Приказната за Стаби е преточена и во анимиран филм „Наредникот Стаби: Американски херој“ (Stubby: An American Hero), а исто така добил и свој споменик во американската сојузна држава Конектикат.