Си го спасил животот задоцнувајќи на летот, се сруши авион со 157 патници

Гркот Антонис Мавропулос се спасил откако задоцнил две минути за време на летот Адис Абеда-Најроби. Авионот  шест минути по полетувањето се срушил, а во истиот загинале сите 157 патници и членови на екипажот.

Иако Антонис бил бесен на персоналот на аеродромот, затоа што не го пуштиле во авионот, сега вели дека им е благодарен што е жив. Тој на „Фејсбук“ објавил и фотографија од авионската карта.

Мавропулос е претседател на непрофитна организација International Solid Vaste Association и требало да присуствува на годишниот собир на Обединетите нации за Програмата за животна средина.

„Бев гневен што никој не сакаше да ми помогне да стигнам до капијата на време. Ги гледав патниците како влегуваат во тунелот и викав да ме пуштат. Сега сум среќен што сум жив“, напишал Антонис.

Антонис дознал за трагичната вест откако полицијата го побарала да го испраша зошто задоцнил на летот. Гркот потоа се обидел да го избегне испрашувањето затоа што не сакал да го пропушти и вториот лет. Полицаецот му рекол дека треба да му биде благодарен на Господ, а не да протестира, и дека тие морале да го испрашуваат затоа што тој бил единствениот патник кој ја платил картата, а не бил во авионот.

По испрашувањето полициските служби го пуштиле Антонис, а тој вели дека морал да провери на интернет за да се осигура дека авионот навистина паднал.  Вели дека веднаш потоа  го повикал своето семејство да им каже дека е жив.

„Ова беше мојот среќен ден“, напишал тој.

 

 

Scroll to Top