Американски дипломати кои работеле на Куба пријавиле здравствени проблеми, за кои лекарите засега немаат објаснување од што се предизвикани.
Напредното скенирање на мозокот на некои дипломати, кои изјавиле дека по работата на Куба добиле симптоми слични на потрес на мозокот, открило разлики кои лекарите ги оценуваат како збунувачки.
Лекарите направиле студија во која велат дека станува збор за мистериозна болест. Опсежното снимање покажало дека во мозокот на дипломатскиот персонал има помалку бела маса од моокот на здравите луѓе. Има и други разлики, велат истражувачите.
Додека сите очекувале дека малиот мозок, кој е во близина на мозочното стебло, ќе биде погоден, со оглед на симптомите што се појавиле кај дипломатите од типот на нерамнотежа, тешкотии да заспијат, размислуваат, главоболки и слично. Лекарите нашле единствени делови во ткивото што ги поврзуваат мозочните региони.
Рагини Верма, специјалист за снимање на мозок од Универзитетот во Пенсилванија и главна авторка на студијата, вели дека ваквите делови во ткивото не се слични на што било што досега го видела кај мозочните болести или повреди.
„Тоа е прилично чудно. Ова претставува вистинска медицинска мистерија“, изјавила Верма.
Коавторот на студијата, доктор Рандел Свансон, експерт за рехабилитаија за мозочни повреди, од истиот Универзитет, изјавил дека нема сомнение дека нешто чудно се случило, но се сомнева дека не може да се утврди за што станува збор.
Надворешниот експерт, невролог од Универзитетот во Единбург, Џон Стоун, изјавил дека студијата не потврдува дека дошло до повреда на мозокот, ниту дека разликите во мозокот се резултат на чудните искуства кои дипломатите ги доживеале на Куба.
Куба негира каков било напад, но случајот со дипломатите ги затегна односите со САД. Резултатите од анализите се објавени денес во списанието Journal of American Medical Association. Од редакцијата на списанието велат дека студијата може да помогне да се објаснат симптомите.
Во соопштението на американскиот Стејт департмент стои дека институцијата е запозната со оваа студија и ја поздравува дискусијата на медицинската заедница за ова сложено прашање. Главниот приоритет се безбедноста, сигурноста и здравјето на персоналот, пишува во соопштението.
Од крајот на 2016 година до мај 2018 година неколку американски и канадски дипломати во Хавана се пожалиле на здравствени проблеми од непозната причина. Еден податок на американската влада е дека во тој период биле заболени 26 луѓе.
Некои од дипломатите сведочеле дека додека биле дома или сместени во хотели слушале високи тонови слични на звуците од штурци. Тоа прво довело до теоријата за напад преку звук.
ФБИ не нашол докази дека звучните бранови можат да го предизвикаат тоа. Десетина американски дипломати и членови на нивните семејства барале да бидат прегледани.
Новата студија говори дека 40 од нив се тестирани на Универзитетот во Пенсилванија. Групната анализа на резултатите од напредните МРИ-снимки открила разлики во мозоците на групата дипломати со мозоците на 48 здрави луѓе со слични години на старост и потекло.
Службениците биле подложни на МРИ-снимање по шест месеци откако ги пријавиле проблемите, но затоа што нивните мозоци не бие скенирани пред заминувањето на Куба, не може да се знае што е тоа што се променило.
Од Универзитетот во Единбург велат дека новата студија има неколку други ограничувања кои влијаат на резултатите, вклучително и групата за споредба не била прилагодена со прегледаните пациенти.
„Ако навистина сакате да кажете дека на Куба се случило нешто важно, поинакво, чудно, тогаш најдобрата контролна група треба да биде составена од 40 лица со исти симптоми, луѓе кои не биле на Куба и немале историја на повреда на главата“, вели Стоун.
Најновата студија се заснова на претходните прелиминарни извештаи за 21 службеник од САД на кои им биле снимени мозоците. Било потврдено дека имаат помали промени на белата маса.
Претходната студија од Универзитет во Мајами открила оштетување на внатрешното уво кај некои дипломати. Тие не се жалеле на чудни звуци, но исто така недостигала медицинска документација пред појавата на тие симптоми.
„Иако некои дипломати ги имаат истите симптоми, состојбата кај повеќето од нив е подобрена со физикална и работна терапија. Тие се добро и се вратени на работа. Како минува времето, ќе биде сè потешко да се открие што навистина се случило“, вели Свансон.
Кубанците со штурци ја нападнале американската амбасада во Хавана?