Актерот Арон Ајзенберг, познат по улогата во „Ѕвездени патеки“, почина на 50-годишна возраст. Арон во познатата серија го толкуваше ликот на Ференги Ног. Неговата сопруга Мелиса Лонго објави порака на социјалните мрежи, простувајќи се од него.
„Со големо жалење и тага ве известувам дека ја загубив мојата љубов и најдобар пријател, Арон Ајзенберг. Арон беше паметен, племенит, духовит, емпатичен. Сакаше животот да го живее искрено и со сочуван интегритет. Сите работи ги правеше на најдобар можен начин. Засекогаш ќе бидам благодарна на времето кое го поминав со него“, беше дел од пораката на сопругата на Арон.
Засега не е позната причината за смртта на Арон. Неговите пријатели велат дека тој со години имал проблем со здравјето, а во едно од своите интервјуа кои ги дал пред четири години изјавил дека бил роден со само еден бубрег, кој не му бил во полна функција.
Првата трансплатација ја направил на 17 години, а потоа повторно имал уште еден хируршки зафат во 2015 година.