Првиот човек на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитри Песков е заразен со коронавирус, пренесуваат светските медиуми. Песков потврди дека е заразен и во моментов се наоѓа во болница.
„Да, се разболев. Сега се лечам“, изјавил Песков и додал дека Владимир Путин немал никаков контакт со него, повеќе од месец дена.
„Повеќе од месец дена немам никаков контакт со претседателот“, изјавил Песков за агенцијата „Тас“.
И Татјана Навка, сопругата на Песков, исто така е хоспитализирана. Навка, е олимписка шампионка во уметничко лизгање. Таа за „Дејли сторм“, изјавила дека со нејзиниот сопруг отишле во болница за да не ги заразат и другите членови во семејството.
„Ние сме под грижа на лекарите и сè ќе биде во ред“, изјавила Навка.
Таа додала дека нејзината состојба се подобрила во последните два дена, пренесува „Раша Тудеј“.
„Повеќе немам температура. Велат дека жените тоа подобро го поднесуваат. Веројатно е вистина. Дмитри исто така е во стабилна состојба и сè ќе биде во ред и со него“, изјавила Навка.
И премиерот на Русија, Михаил Мишустин, заболе од коронавирус на крајот од април и од тогаш тој се наоѓа во болница. Заразени се и рускиот министер за градежништво, Владимир Јакушев и министерката за култура Олга Љубимова.