Новинарот Љупчо Златев пријавил во полиција дека ноќеска, неколку минути по полноќ, бил физички нападнат во кафуле во Скопје. Тој на „Фејсбук“ напиша дека во ходникот на локалот непознато лице почнало да го удира по градите, да го плука и да го влече кон излезот.
„Додека ме напаѓаше, лицето ми се дереше: ‘Излези надвор, многу си ни згрешил, излегувај надвор’. Јас на неговиот напад се спротивставив и не дозволив да ме извлече надвор по што, приклештен пред влезот, тој неколкупати со неговата глава ме удри во пределот на челото. Веднаш кога се случи настанот, од внатрешноста дојдоа гости, кои лицето го истуркаа надвор, а во бунило чув и дека човекот што ме нападна носел пиштол. Им се заблагодарувам на овие десетина добри луѓе, кои не ги познавам, а ме спасија и ги повикувам да ми се јават за соодветно да им се заблагодарам. Во тие моменти јас бев вчудовиден од тоа што некој што не го познавам сака да ме тепа и постојано прашував кој е човекот и зошто го прави ова? Еден од оние што го истуркаа надвор ми рече дека се работи за лице од Автокоманда, кое е дел од обезбедувањето на Јордан Мијалков, синот на Сашо Мијалков. Истото лице ми посочи дека надвор пред локалот бил и младиот Мијалков со уште неколку луѓе, а ве потсетувам, додека бев напаѓан, бев туркан кон излезот пред кој тој се наоѓал. Веднаш по настанот, пријавив во полиција, која експресно дојде, направивме записник и се упатив во болница, каде што ми беа констатирани лесни телесни повреди на главата и ми беше препишана терапија“, напиша Златев.
Тој вели дека се чувствува добро и дека не е сериозно повреден. Од МВР информираат дека се работи на расчистување на случајот.