Дека пандемијата на коронавирусот не е сезонска, беше една од најголемите објави на Светската здравствена организација, која со јавноста ја споделија на 28 јули.
Во моментот Ковид-19 се шири во еден голем бран и поради големиот број случаи во светот, тој не ги следи сезонските варијации, како што тоа е случајот со грипот.
„Се чини дека годишната доба не влијае на преносот на вирусот, кој усмрти повеќе од 650.000 лица во светот и зарази повеќе од 16 милиони луѓе“, изјавила портпаролката на организацијата, Маргарет Хари, на краткиот виртуелен брифинг.
Таа истакнала дека ова е нов вирус, кој се однесува поинаку и дека промената на годишните времиња не игра голема улога. Таа потсети и на убедувањето дека опасноста од заразата е помала во лето и повторно дека летото е проблем затоа што овој вирус ги сака сите годишни времиња.
Тоа го објаснила со примерите во САД и Бразил, две држави што се соочуваат со најголем број заболени, а во моментот во овие земји се две различни годишни времиња. Според тоа, за оваа епидемија не смее да се размислува во смисла на вирусни бранови.
„Тоа ќе биде еден голем бран. Ќе се движи нагоре и надолу. Најдобро би било овој бран да се израмни и да се претвори во нешто, како што е плискањето со нозете во вода“, изјавила Харис.
Нејзиното обраќање доаѓа во момент кога во светот расте бројот на случаи по излегувањето од блокадите. Многу влади ја разгледуваат опцијата и за втор бран.
Истовремено тие избегнуваат да ги употребат мерките за второто затворање на границите, кои наводно целосно би ги уништиле економиите.
Британскиот премиер, Борис Џонсон, за ваквата мерка зборува како за нуклеарна бомба.
„Секако дека не сакам да ја искористам“, изјавил Џонсон.
Францускиот премиер Жан Кастекс бил еднакво остар.
„Нема да преживееме, ниту економски ниту социјално“, изјавил тој.
На другиот крај на светот, премиерката на Нов Зеланд, Хасинда Ардерн, изјавила дека е доволно само една грешка за повторно се изложиме на вирусот. Но, затворањето на границите би била последна мерка. Харис повика на ефикасна примена на мерките за забавување на вирусот.
Таа објасни дека тој најмногу се шири за време на масовните собири.
Прашањето на вториот бран на коронавирусот, всушност, е поим што сега тешко се дефинира. Без договорените научни дефиниции, вториот бран се користи за што било, од локални појавувања на вирусот до национални кризи, поради што многумина експерти настојуваат да го избегнуваат овој термин.
„Вториот бран не е поим што го користиме во епидемиологијата во денешно време затоа што вирусот не е исчезнат, тој е меѓу населението, се рашири во 188 земји и сето она што сега го гледаме во основа е локализиран пораст и враќање на голем број случаи“, изјавила за „Гардијан“, Линда Баулд, професорка на јавно здравје од Универзитетот во Единбург.
Од светско гледиште, пандемијата се шири со голема брзина и светскиот број на случаи во последните шест недели е удвоен. Со оглед на региналната распространетост, дури и внатре во одделни земји станува сè потешко и посложено да се бориме против вирусот.
Тоа што може да се чини како втор бран, често се различни подрачја во исти земји.
„Она што го гледаме се избувнување на вирусот во голем број земји. На пример, во некои градови во Велика Британија и на други места. Некои луѓе би можеле да го наречат ова бранови, но ако тоа го прават, тогаш гледаме над десетина брана“, вели Кит Нил, професор по епидемиологија за заразни болести на Универзитетот „Нотингем“.
Тој смета дека вториот бран станал медиумски поим како и научен.
Мелиса Хокинс, професорка на американскиот универзитет, гледајќи ја состојбата во САД, изјавила дека е непримерно да се зборовува за втор бран на места каде што болеста едноставно нерамномерно напредувала.
„Во САД како целина немаме втор бран. Првиот, всушност, и никогаш не престанал. Вирусот едноставно се шири меѓу новата популација и повторно се појавува на места кои прерано ги олабавиле мерките за заштита“, напишала Хокинс.
Нејзиниот коментар е применлив и во други земји во кои се случило повторното избувнување на вирусот.
Како што истакнуваат од Центарот за медицина втемелен на доказите од Универзитетот „Оксфорд“, кој испитал 10 епидемии за респираторни болести од 889 година, повеќето наши размислувања за теориите за втор бран потекнуваат од шпанскиот грип во 1918/1920 година, кој заразил 500 милиони луѓе во светот и наводно убил од 20 до 50 милиони.
Бранот на Ковид-19 не се движи ритмично. Болеста не познава граници, дури и кога властите ќе се обидат да ги затворат.
„Брановите исто така се видливи и главно ритмички. Се чини дека не постои никаква причина или ритам на епидемија, а нивните доаѓања и заминувања (бранови) се видливи само поради влијанието на човечкото тело и општеството“, изјавил епидемиологот Том Џеферсон на почетокот на епидемијата.
Професорот Нил смета дека ќе биде потребно да помине време за да се идентификува кој било друг бран. Кај шпанскиот грип тоа било очигледно, но дури по настанот.
„СЗО ги следи светските бројки и тие се зголемуваат. Гледајќи го тоа како пандемија, се наоѓаме во првиот бран“, изјавил тој.