Рекорен број Американци се одрекоа од државјанствата во првата половина оваа година, покажуваат резултатите од најновото истражување. Причините за тоа, како што е наведено, се политичката атмосфера и актуелната криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот.
Според извештајот на фирмата од Њујорк „Бембриџ акаунтинг“, специјализирана за имиграциони даноци во САД, повеќе од 5.800 Американци се откажале до државјанството во првите шест месеци во 2020 година.
Тоа претставува драматичен скок во однос на истиот период минатата година кога биле регистрирани 2072 вакви случаи. Алистер Бембриџ, партнерот од њујоршката фирма, укажал дека во текот на пандемијата на коронавирусот зголемен е бројот на Американци што се откажале од државјанството, а кои без никакви проблеми може да живеат во друга земја.
Тој таквиот тренд го објаснува со фактот дека американските државјани со живеалиште во друга земја во текот на пандемијата имале време да ги разгледаат своите врски со САД и да проценат дека политичката клима и годишните даноци се преголеми.