Иконата на француската шансона Жилиет Греко почина на 93 години. Таа беше осум децении на сцената, а на 89 години ја оджа нејзината проштална турнеја.
„Жилиет Греко почина опкружена со своите сакани, во својот дом во Раматие. Имаше исклучителен живот“, стои во соопштението.
Греко е родена 1927 година. Таа беше затворена од нацистите за време на Втората светска војна, но потоа почна да настапува во подрумски клубови и кафулиња. Облечена во црно, таа стана муза на филозофите и писателите, вклучително Жан Пол Сартр и Алберт Ками.
Кон средината на 40-тите години од минатиот век романописецот Роман Кено и филозофот Жан Пол Сартр ги напишаа песните што ѝ го донесоа првиот голем успех на Греко во нејзината кариера. Пееше песни на Жак Превер, на Бертолд Брехт, на Борис Вијан, на Франсоа Саган и на Серж Гензбур.
По настапите во легендарните париски кабареа, замина за Њујорк каде што стекна светска слава. По врската со џез-трубачот Мајлс Дејвис, таа имаше три брака. Во 2015 година одржа проштална турнеја што ја нарече „Мерси“, која траеше 12 месеци.
Имаше и две филмски улоги, во „Орфеј“ во 1950 година и осум години подоцна во „Добар ден таго“.