Манекенката со Даунов синдром, Ели Голдстејн (18), се појави на насловната страница на дигиталното издание на магазинот „Гламур“, кое е посветено на новите лица кои го менуваат модниот свет. Таа се сликаше за модниот магазин неколку месеци откако стана првата девојка со Даунов синдром што сними кампања за модниот бренд „Гучи“.
Целта на Ели е да ја покаже природната убавина на жените, но и да ја смени перцепцијата на луѓето за убавината, па да ги поттикне модните брендови да вклучуваат лица со попреченост во своите кампањи.
„Сакам и другите брендови да почнат да користат модели со хендикеп, без разлика дали тој е видлив или не. Секој заслужува шанса да го постигне она што го сака. Мојата страст отсекогаш била да бидам модел, актерка и да бидам славна. Диверзитетот е многу важен. Ситуацијата се подобрува, но мислам дека сè уште сме далеку од тоа на луѓето да им е нормално да гледаат модели како мене“, вели таа во интервјуто.
Сликите објавени во „Гламур“ се реални и не се обработувани со фотошоп или апликации за разубавување.
„Повеќе сакам да сум природна, без филтри и Фотошоп и да ја покажам мојата вистинска убавина. Луѓето треба да го видат мојот карактер, а не мојот хендикеп,“ додава 18-годишната девојка, која пред три години потпиша договор со агенцијата за модели Zebedee Management.
Инаку, октомври е месец за подигнување на свеста за лицата со Дауновиот синдром и нивно поголемо вклучување во сите аспекти од општеството.