Маж кој украл две чоколади во продавница во Словачка сега може да биде осуден на 10 години казна затвор, пишува „Раша тудеј“.
Тој е последната личност која се соочува со ваква изненадувачка остра казна за сторен ситен злостор, поради вонредната состојба, која беше прогласена во земјата за време на пандемијата со коронавирусот.
Сестрата на човекот кој би можел да помине цела деценија зад решетки ѝ пишала писмо на претседателката на Словачка, Зузана Чупатова, и ја замолила да му помогне.
„Десетгодишна казна за крадење чоколадо е незамислива. Ситуацијата е тешка и луѓето тешко живеат“, изјавила сестрата, а пренесува RT.
Се разбира дека крадењето е лошо, но казната со која се соочува нејзиниот брат е драконска и катастрофална за семејството, додала сестрата.
Да не е прогласена вонредна состојба поради коронавирусот, максималната казна затвор за кражба би била две години затвор.
Последниот случај на кражба на храна во Словачка се случил неодамна кога бездомник бил фатен како се обидува да украде хамбургер. Тој имал долго досие на крадење храна, алкохол и цигари. Сега би можел да биде осуден на 15 години казна затвор.