Сопругата на новиот американски претседател Џо Бајден, Џил сака да биде поинаква Прва дама на САД, од досегашните. Таа вели дека има докторат и ќе продолжи да предава на колеџ
Новата американска прва дама, минатата година зеде отсуство од професорската работа само за да може да го следи сопругот Џо во претседателската кампања. Но, таа не сака да се откаже од својата кариера по влегувањето во Белата куќа.
Таа ја задржа својата платена работа надвор од Белата куќа и во времето додека Џо Бајден беше потпретседател во двата мандата на Барак Обама.
Како и тогаш и сега Џил ќе продолжи да предава англиски и пишување на Државниот колеџ на Северна Вирџинија во близина на Вашингтон. Тоа досега не го направила ниедна прва дама во историјата на САД.
„Многумина од моите студенти не знаат дека работам на две места“, изјавила таа во една од своите дадени изјави за медиумите.
Уште во првиот ден како влезе во Белата куќа, таа им се обрати на образовните работници. Им се заблагодари за нивната херојска посветеност во периодот додека земјата се справуваше со коронавирусот.
„Никогаш не сум била погорда на мојата професија“, кажа 69-годишната Бајден, која истовремено е прва сопруга на американски претседател која е доктор на науки.
Џил Бајден минувала низ развод кога во 1975 го запознала сенаторот Џо Бајден, кој три години порано ги изгубил сопругата и ќерката во сообраќајна несреќа. Се венчаа во 1977 и четири години подоцна ја добија ќерката Ешли.