Европол соопшти дека помогнал во апсењето на десетина лица кои биле осомничени за кражба на криптовалути во вредност од 100 милиони долари, од познати музичари и спортисти во САД.
Во акцијата биле уапсени вкупно осум лица, откако претходно биле приведени уште две лица, од Малта и Белгија, за кои се верувало дека припаѓаат на истата криминална мрежа.
Службите објасниле дека осомничените, преку системот на замена на СИМ-картчики, добиле пристап до телефоните на жртвите и на тој начин ги ограбиле.
„На мета на оваа организирана криминална банда имало над 1000 жртви во САД, само во 2020 година. Меѓу нив имало познати лица, спортски ѕвезди, музичари и нивните семејства, а се верува дека криминалците украле преку 100 милиони долари во криптовалути, откако претходно противзаконски добиле пристап до нивните телефони“, е наведено во соопштението на Европол.
Европол прецизирал дека истрагата открила група од десетина криминалци кои работеле заедно за да добијат пристап до броевите на телефоните на жртвите.
Со промена на нивните лозинки, тие презеле контрола над апликациите и налозите и нивните лични податоци, а потоа и кражба на парите и криптовалутите. Апсењето е изведено по истрагата спроведена во соработка со Британија, САД, Белгија, Малта и Канада, навеле од Европол.