Премиерката на Норвешка, Ерна Солдберг, се извини затоа што ги прекршила мерките кои нејзината влада ги донесе против ширењето на коронавирусот.
Таа се најде под жестоки критики на јавноста, по нејзиното интервју, во кое призна дека не се држела до прописите. За националната телевизија NRK, Солдберг призна дека не се придржувала до упатствата за ограничување на бројката на присутни на една роденденска забава во нејзиното семејство.
„Можам само да се извинам. Требаше да знам подобро“, изјавила таа.
Медиумите пренесуваат дека таа со членовите на семејството се собрале на популарно скијалиште. На собирот имало повеќе од десет лица.
„Не ги проверив добро правилата. За некого кој секој ден разговара со граѓаните, требаше да ги знам подобро правилата. Но, вистина е дека не внимавав“, изјавила Солберг, пренесува „Ројтерс“.
Медиумите пренесуваат дека полицијата ќе ги испита случајот за кршење на правилата. Премиерката се наоѓа во немилост затоа што сега е изборна година во земјата, а нејзината популарност е падната. Изборите ќе се одржат во септември, а владејачката Конзервативна партија ја поддржуваат 25.6% од граѓаните, додека Партијата на центарот ја поддржуваат 19,2% од избирачите. Во Норешка, од корона заболеле повеќе од 88.000 лица, додека починале преку 650.
Ова не е првпат скандинавските лидери да не ги почитуваат мерките против ширење на короната. Во соседна Шведска, премиерот Стефан Лофвен бил фатен во шопинг без заштитна маска. Јавноста бурно реагирала, па тоа се одразило на пад на поддршката на премиерот.