Двајца Холанѓани станаа првите станари на 3-Д отпечатена куќа во Европа, чии креатори веруваат дека тие ќе бидат нова опција за домување во иднина.
Елиз Луц (70) и Хари Декерс (67), се пензионирани сопственици на дуќан од Амстердам и тие завчера го добија нивниот дигитален клуч. Тоа е апликација преку која ќе ја отвораат вратата на својот двособен бунгалов со допир на копче.
„Прекрасна е. Малку наликува на бункер, ама па затоа и се чувствуваш безбедно“, изјави Декерс.
Луц и Декер ќе плаќаат месечен наем од 800 евра за да живает во куќата.
Куќата има изглед на карпа, со димензии што би биле тешко и скапо да се конструираат со традиционални методи. Ова е првиот од планираните пет имоти што градежната фирма „Сент-Гобен Вебер Беамикс“ има во план да ги изгради во предградието на Ајндховен, Босрајк. Сите куќи се од по 94 квадратни метри.
„Ова е првата куќа што е стопроцентно одобрена од локалните власти и населена од луѓе кои платиле за да живеат во неа“, изјави Бас Хујсманс, извршниот директор на „Вебер Беамикс“.
Куќата е направена во соработка со Технолошкиот универзитет во Ајндховен, а при печатењето се користени огромна работна рака и цемент со специјална формула, што има текстура на шлаг. Се состои од 24 бетонски елементи кои се печатени слој по слој во фабрика во Ајндховен, по што се донесени со камион и поставени на темели. На карј се додадени покривот и прозорците.
„Во печатењето на куќата се потрошени само 120 часови“, вели Хујсманс.