Дизелашите преставуваат вид младинска субкултура, есктремно позната и актуелна во ‘90-те години на минатиот век во Србија. Се карактеризираат со груба слика, склоност кон насилно (самоуверено) однесување и посебен стил на облекување.
Името го добиле по брендот Дизел, но неретко можеле да се сретнат и под имињата: зелди, дизеландер, „дизел-момак“.
Според дефиницијата на белградскиот модерен жаргон, дизелашот е млад човек со избричена глава или доста кратка коса, во тренерки, со златен ланец околу вратот, мобилен телефон и најчесто скап автомобил, често поврзуван со криминални активности. Најчесто се среќаваат низ Земун, Вождовац и Суричин.
Оваа субкултура го симболизира распаѓањето на моралот заради социо-политички фактори и генерално го прикажува духот на една нација во одредена временска рамка. Теоретичарите, исто така, го поврзуваат изгледот на дизелашите со фактот дека за краток временски период, голем број луѓе се збогатиле на нелегален начин, по што преку модата и специфичниот стил тие имале обид да ја покажат својата припадност на одредената класа.
Избричена глава, дебели златни ланци околу вратот и патики Аir max биле неопходни елементи на припадниците на оваа таканаречена „култура“. Своето богатство, исто така, го прикажувале и носејќи часовници, но и мобилни телефони, што во тоа време било вистинска реткост.
Иако сѐ помалку се популарни, делумно поради раѓањето на нови субкултури, а и поради враќањето во старите, сепак дизелашите не се исчезнати целосно. Тие денес се заменети со навивачки групи и кланови кои продолжуваат да ја негуваат естетиката на своите претходници, но со одредени модификации.
Овој српски правец може да се забележи во бројни филмови и музички текстови, кои стануваат симбол за тогашното време и тогашниот начин на живот на дизелашите. Најпознат снимен филм од ’90-тите е „Ране“ (1998), а од 2000-тите „Шејтанов војник“ (2006) и „Шишање“ (2010).