Во петокот, на 21 мај, премиерно се одигра монодрамата „Кармен“ со Биљана Драгиќевиќ-Пројковски на сцената на Драмски театар, воедно претставувајќи прва премиера по отворањето на театрите. Истата се играше според предвидените протоколи во услови на пандемија
Романот „Пет часа со Марио“ на шпанскиот романсиер и член на Кралската шпанска академија Мигел Делибес (1920-2010), кој го дава главниот мотив за поставување на претставата „Кармен“, е објавен во 1966 година и е сместен на листата на „сто најдобри романи на дваесеттиот век“. Делото го носи духот на социјалниот реализам, важен литературен тренд во Шпанија во средината на минатиот век.
Режијата на претставата и драматизацијата на текстот се на Дејан Пројковски, преводот е на Ненад Велковски, сценограф е Валентин Светозарев, а костимографијата е на Раде Василев. Како композитор на музиката се потпишува Горан Трајкоски, сценските движења се на Олга Панго, додека фотографиите и дизајнот на плакатот се на Елена Бојаџиева.
Преку одличната трансформација во патувањето низ годините, актерката, преку монолог јасно и експлицитно ни ги долови фрустрациите кои ги има Кармен: му префрла на сопругот што не ѝ купил барем фиќо, што бил задоволен со тоа што го има, а уште повеќе што тој бил среќен кога се возел со неговиот велосипед. Сите прекорувања на Кармен, упатени на сопругот, на крајот се сведуваат на материјалното. А дека таа вреди, аргумент ѝ се комплиментите на вработениот во дуќанот за хемиско чистење во соседството и погледите што ги добила од другите момчиња кога била помлада.
Од претставата јасно може да се видат социјалните, статусните разлики помеѓу семејствата на Кармен и на Марио, и ироничната перспектива на малограѓанштината како и сликата на социјалната неправда.
„Јас сум жена со принципи, а во ова време принципите не функционираат”, „Ова е време на амбалажа – поважно e што се гледа однадвор, а не што има внатре”, се само само дел од изговорените реплики кои како да се пресликани од актуелното секојдневие.