Тројца вработени во Си-ен-ен заработија отказ бидејќи не се вакцинирале

Американската медиумска куќа Си-ен-ен отпушти тројца вработени кои доаѓале на работа невакцинирани против коронавирусот, поради прекршување политиката на компанијата, пренесуваат странските медиуми.

Главниот уредник на Си-Ен-Ен, Џеф Зукер, испрати соопштение до останатите вработени во кој ја нагласи политиката на компанијата.

„Да бидам јасен, имаме политика на нула толеранција за ова прашање. Ако сакате да работите од канцеларија, мора да бидете вакцинирани. Исто така, мора да бидете вакцинирани ако работите на терен со други луѓе, без разлика дали доаѓате во канцеларија или не“, изјави тој.

Новинарот на Си -Ен -Ен, Оливер Дарси, објави делови од соопштението на Зукер.

Си -Ен -Ен не објави дополнителни детали за отпуштањата на тројцата невакцинирани вработени.

Повеќе од една третина од работниците на Си-Ен-Ен доброволно се вратија во редакцијата, а колективното враќање беше одложено од 7 септември до средината на октомври.

Во некои редакции, ќе биде задолжително носење маска, освен кога луѓето јадат или пијат.

Слични одлуки донесоа и други странски медиуми.

Scroll to Top