Граѓаните кои го прележале коронавирусот во изминатите 45 дена ќе можат да одат во кафеани и на настани без вакцина, рече министерот за здравство, Венко Филипче, како надополнување на мерките кои од понеделник ќе се применуваат низ целата држава.
Тој смета дека ова е доволно време за граѓаните да се вакцинираат.
„Освен бараниот сертификат за вакцина, ќе биде доволно да се приложи и потврда дека пациентот бил заболен од ковид во изминатите 45 дена. Сето ова ни укажува дека единствено решение е да се зголеми опфатот на вакцинирани. Се зголеми интересот по најавата за новите мерки. Ако граѓаните имаат дилема, сакам да ги охрабрам да одат да се вакцинираат. Одличен е одзивот по најавата за новите мерки“, рече Филипче.
Според анализата која била направена минатата недела, 40% од новозаразените лица се изјасниле дека биле на некаква прослава. Тој рече дека тоа не е чудно, бидејќи и лани беше ист случај со кластерите од масовни собири.
„Ова е прв чекор со кој сакаме да ја поттикнеме вакцинацијата“, рече тој.
Информациите кои се појавија во јавноста дека Срби доаѓале во Тетово за да им се изработат лажни сертификати за примена вакцина, треба да се пријават во институциите, рече Филипче.
„Ние имаме многу безбедни системи за пријавување и за покажување на сертификатите. Тоа е нашиот систем ‘Мој термин’“, рече министерот.
Засега нема информации дали ќе има евентуално нови мерки за влез и излез од Македонија.