Талибанците повторно ја вратија власта врз Авганистан, а луѓето таму се во паника и се обидуваат да ја напуштат земјата.
Стравот е присутен кај сите, ама жените веројатно имаат најмногу причини за страв. Иако портпаролот на талибанците, Забихула Муџахид, на прес-конференцијата вети дека ќе ги почитува правата на жените, но во рамките на нормите на исламскиот закон, сликите што неодамна се појавија и ги прикажуваат ужасните казни за жените го покажуваат спротивното.
Жените добро знаат од што се плашат. И денес морничави се сеќавањата на Биби Ајша, можеби најпознатата жртва на талибанците, една од ретките кои ја преживеаја тортурата и можеа да зборуваат за тоа.
Талибанците ѝ ги отсекоа ушите и носот на Биби кога имала 18 години. Причината беше што таа се обиде да избега од својот сопруг со кого беше насилно во брак уште од дете.
Ајша се појави на насловната страница на списанието „Тајмс“ во 2010 година, а потоа нејзината приказна ја дозна целиот свет. Тоа беше приказна за бруталноста на талибанците, речиси една деценија откако беа соборени во 2010 година.
Тогаш „Тајмс“ на насловната страница го постави најважното прашање – „што ќе се случи ако го напуштиме Авганистан?“. Одговорот стигна деновиве, Америка се повлече, а резултатите се веќе видливи.
Ајша му била ветена на еден талибанец. Нејзиниот татко ја ветил кога имала 12 години. На 14 години тој ја натерал да се омажи за него. Четири години девојката трпела страшно насилство. Нејзиниот сопруг ја третирал како робинка, а потоа таа се обидела да побегне.
Тогаш била фатена и по пет месеци во затвор пуштена да се врати во куќата на нејзините родители. Таму талибанците ја сретнале и ја одвлекле до планините во близина на нејзиното село Урузган. Следувало тепање и отсекување на носот и ушите. Зетот на Ајша ја држел додека нејзиниот сопруг ја извршувал казната. Таа тогаш се онесвестила од болка и се разбудила гушејќи се од сопствената крв. Ја оставиле да умре во планините.
Некако успеала да исползи до куќата на нејзините баби и дедовци кои одбиле да ѝ помогнат. Потоа, ползела до американската воена база, каде ѝ била укажана помош.
Таа избегала од Авганистан како бегалец и била посвоена од еден пар – маж Авганистанец и неговата сопруга Американка.
Биби Ајша сега живее во Мериленд и со нивна помош поминала низ 12 реконструктивни операции.
фото:World Press Photo 2010 | Jodi Bieber