Русин испливал 20 километри од островот Кунашир, кој е под контрола на Русија, сè до јапонскиот крајбрежен град Шибец, на островот Хокаидо, за да побара политички азил.
Јапонските власти сè уште официјално не го објавиле неговиот идентитет, но неименуван извор близок до истрагата вели дека станува збор за Васа Феникс Нокарда.
Јапонските власти го задржале и го однеле во полициска станица на Хокаида, каде го испрашувале за патувањето, пренесува „Дејли мејл“.
„Изгледа дека во Јапонија стигнал во мокро одело. Препливал речиси 20 километри“, изјавил неименуваниот извор за руската државна агенција „РИА Новости“.
Нокарда наводно во 2011 година бил депортиран од јапонските власти поради кршење на визните правила и има евиденција за фалсификување на службени документи поради кои бил депортиран од Тајланд. Изворот кој го открил идентитетот на бегалецот раскажал сè што знае за него.
„Три години живееше на Курските Острови. Никаде не работеше, живееше во селото Головину и спиеше во шатор или кај луѓе кои беа подготвени да го примат“, додал тој.
Главниот секретар на кабинетот на Јапонија, Кацунобу Като, во понеделникот рекол дека владата ќе ги преземе сите соодветни мерки, откако ќе ги потврди сите детали за пристигнувањето на рускиот државјанин, пренесува „РИА Новости“.
Шибецу, местото на кое бегалецот наводно стигнал, е мал рибарски град, со неколку илјади жители и е едно од ретките места во Јапонија, до кое не може да се стигне со воз.