Македонскиот дизајнер Дејан Христов, инспириран од култниот статус на „југото“ на овие простори, создаде нова верзија на овој автомобил, но таа сега е замислена како автомобил со електричен погон. Засега Дејан изработува само виртуелни скици преку кои ја покажува својата идеја за ликот на новиот автомобил и ја поставува пред добро познати споменици во поранешна Југославија.
Дејан ги користи препознатливите стилски мотиви на „југото“, како што се закривена хауба, хоризонтална линија на знаците и карактеристична скратена задна страна. Спортскиот изглед на новиот модел автомобилот го добива со повеќе испакнати и продолжени браници, црни А-столбови и потенки ЛЕД-светла.
Христов замислува нова ера за „југото“ и сака да го испрати својот проект до српската влада. Тој се надева дека хрватски „Римац автомобили“ би можел да учествува во проектот, па производството да оди во фабриката „Стелантис“ во Крагуевац или во некоја кинеска компанија. Притоа литиумот за батерии од домашни извори ќе ја намали и цената на батериите.
Ако оваа негова дигитална замисла стане реалност, конкуренција би му биле „пежо e-208“, „опел корса“, „рено 5“ и „хонда Е“.
„Југото“ беше меѓу најпопуларните автомобили во поранешна Југославија. Се произведуваше од 1980 до 2008 година во Крагуевац, Србија, период во кој беа произведени вкупно 794.428 единици. Заснован е на „фиат 128“, со погон на предните тркала и мотори со четири цилиндри.
Се продаваше и во САД, каде што беа продадени над 140 илјади автомобили од 1985 до 1992 година. И покрај одличниот почеток поради ниските цени, прашањата за квалитетот и сигурноста на возилото сериозно го нарушија угледот на југословенскиот автомобил.