Првиот човек на компанијата „Фејсбук“, Марк Цукерберг, планира од следната недела да ја ребрендира компанијата и да ѝ го промени името, пренесе интернет-страницата Verge повикувајќи се на извор близок до милијардерот.
Се очекува Цукерберг официјално да го објави новото име наредната недела на 28 октомври, на конференција на која ќе одбележат годишнина. Како што пренесува британски „Гардијан“, новото име ќе биде слично на „Гугл“, кој го промени името на матичната компанија во „Алфабет“.
„Фејсбук“ ќе го направи истото тоа и ќе го позиционира како матична компанија со многубројни апликации во своите рамки, како што се „Инстаграм“, „Вацап“, „Окулус“ и други. Портпаролот на комапнијата не сакал да коментира какви било шпекулации и одбил да даде одговор на прашањата на новинарите на „Гардијан“.
Потенцијалното ребрендирање доаѓа во време кога „Фејсбук“ се наоѓа под голем притисок поради појавувањето на свиркачот Френсис Хојген, која пред американскиот Конгрес рече дека компанијата го ставила астрономскиот профит пред интересот на луѓтето.
Таа рече дека им штети на децата и ги дестабилизира демократските режими во светот.