(Видео) Шкотски турист се удави во водите на Крит обидувајќи се да ги спаси внуците

Шкотски турист се удавил во водите кај островот Крит. Тој се обидел да ги спаси неговите два внука кои имале 7 и 9 години. 61-годишниот маж се обидел да ги извади во моментите кога тие биле влечени од силната струја во заливот Гувес.

Двајца келнери во блискиот ресторан му помогнале. И тие се фрлиле во морето, а потоа во акција се пуштил и екипажот од крајбрежната стража.

Мештаните велат дека кога човекот го извлекол едниот внук, пак се вратил во водата по другиот. На крајот спасувачкиот тим успеал да го извлече и другото дете, но не и дедото.

„Во еден момент едноставно се исцрпи, а спасувачката екипа не можеше да дојде до него“, рече сопственикот на кафулето. Жена, која побарала да остане анонимна, им рекла на новинарите дека спасувачот морал шестпати да нурне во водата за да дојде до него.

„Во шок сум. Не сакам да мислам ниту да зборувам за тоа. Но, барем успеа да им помогне и да си ги спаси внуците. Слушнав дека децата сега се во болница каде ги санираат повредите“, рече таа.

Антонис Фарасаракис на крајот успеал да го извлече, но кога стигнал до него било предоцна.

Медиумите пренесуваат дека човекот бил на одмор со сопругата и неговата ќерка, која била мајка на двете деца и дека за викендот дошле на островот.

„Беше пријатен човек. Секое утро доаѓаше на кафе. Тука беа недела дена, а несреќата се случи пред да им заврши одморот“, рече сопственикот на кафе барот.

Властите рекоа дека телото е однесено на преглед во мртовечница, каде биле утврдени причините за неговата смрт.

 

Scroll to Top