„Нетфликс“ во средата го објави официјалниот трејлер за вториот дел од петтата сезона на серијата La Casa de Papel, кој ќе биде достапен за гледачите од 3 декември.
Во последната епизода од првиот дел беше убиен еден од најомилените ликови во серијата, па фановите на оваа серија во светот со нетрпение го очекуваат исходот.
„Кога почнавме да ја пишуваме петтата сезона среде пандемија, почувствувавме дека треба да го промениме она што луѓето го очекуваа од сезоната и да направиме сензација од крајот на серијата во првиот дел. Во вториот дел ќе се фокусираме повеќе на емотивната ситуација на ликовите“, изјави еден од креаторите на серијата, Алекс Пина.
Официјалниот синопсис на петтата сезона гласи:
„Бандата е затворена во Кралската ковачница повеќе од 100 часа. Иако успеаја да го спасат Лисабон, им претстои мрачен период бидејќи ќе изгубат еден од своите луѓе. Професорот е фатен и првпат нема план за бегство Токму кога се чини дека повеќе нема што да тргне наопаку, непријателот се појавува помоќен од кога било. Се приближува крајот на најголемиот грабеж во историјата, а она што почна како грабеж се претвора во војна“.
Покрај Дарко Периќ, актер по потекло од Србија, во серијата играат и Ицијар Итуно, Алваро Морте, Мигел Херан, Пако Тус, Педро Алонсо и Алба Флорес.
https://youtu.be/uwsmkWh0S5Y