Северна Кореја им забрани на своите граѓани да носат кожни капути затоа што тие му станале омилени на лидерот на земјата Ким Џонг-ун. Ким првпат облекол кожен капут во 2019 година, а од тогаш ова парче облека стана популарно меѓу севернокорејската елита која сака да му ја покаже својата лојалност на деспотот, пренесува „Дејли мејл“.
Неодамна било забележано дека имитациите станале сè почести, па била испратена модна полиција за да ги затвори сите оние кои продаваат кожни капути и на улиците да им ги соблекува од луѓето. Тие се загрижени дека таквите лажни имитации, можат да го направат изгледот на Ким евтин и да му го нарушат авторитетот.
Полицијата вели дека носењето на капутите за да изгледаат како лидерот, е несоодветен тренд кој го оспорува авторитетот на Ким. Владата и порача на јавноста да не носи кожни капути, затоа што тоа е дел од партиската директива и само партијата може да одлучи кој може да ги носи, рече неименуван извор за Радио Слободна Азија.
Слична верзија како капутот на Ким почна да се појавува во септември оваа година, кога трговијата меѓу Кина и Северна Кореја повторно неофицијално се отвори по прекинот на пандемијата. Тоа им овозможи на трговците да почнат да купуваат синтетичка кожа и да прават капути. Радио Слободна Азија тврди дека имале пристап до увозните документи од претходните месеци кои покажуваат дека биле увезени на десетина метри материјал.