Последниот јорганџија во Скопската чаршија ја чува од заборав семејната традиција стара еден век

За Старата скопска чаршија не случајно се вели дека е темелот на Скопје. Нејзината уникатност е во нејзините улици кои раскажуваат приказни за историјата на градот. Приказни за постоењето на разни народи, раѓањето на бројни занаети,  развојот на архитектурата, богатата народна традиција…

Во оваа чаршија се отвориле првите занаетчиски дуќани. Од тука се и најдобрите мајстори на својот занает. Многу од некогашните занаети исчезнаа со текот на времето, а со тоа и занаетчиските дуќани.

Еден од занаетите кој сѐ уште живее во сокаците на чаршијата е јорганџиството. Последниот мајстор на овој занает, чие семејство речиси 100 години се занимава со јорганџиство и кој со многу труд го одржува во живот, е Али Халили.

Во разговор за Агенција Анадолија  јорганџијата Халили зборува за љубовта кон својата работа, со многу тага и загриженост во очите, бидејќи по него, овој занает целосно ќе изумре.

„Дедо ми бил јорганџија, а по татко ми потоа наследник беше брат ми, ама тој отиде во пензија, постар е од мене, јас наследив по него, ама со мене занаетот ќе се прекине. Децата не сакаат да учат, нема ученици, затоа што прво како занает нема перспектива, второ, занаетот е тежок, тешко е да се изработи јорган. Тоа се тие два главни фактори“, раскажува Халили.

Тој се присети на некогашната Јорганџиска улица, кога тој бил дете и започнал да го изучува занаетот, истакнувајќи дека е многу важно да се работи со љубов, а најважно од сѐ е да се работи чесно.

„Се учи и воспитување, постепено, кога се испече занаетот, прво си чирак, па потоа калфа, и накрај, мајстор. Во превод значи основно, средно, факултет. Само што тука има и воспитување, почитување, како да го пречекаш и како да го испратиш муштеријата со насмевка и да му прикажеш сѐ од твојот занает“, вели последниот јорганџија.

Халили објасни дека разликата помеѓу јорганите од вештачки и од природни материјали е во нивната издржливост и квалитет. ТВели дека поставил рекорд со обнова на јорган стар 72 години, кој бил значаен спомен на едно семејство.

Последниот јорганџија се врати во времето кога Старата скопска чаршија била единствениот трговски центар, кога јорганот бил составен дел од чеизот на девојката, кога бил традиција.

„Дваесет и пет јорганџии беа. И еден по еден си заминаа, и нормално, како и кај нас, немаа наследници. Од дваесет и пет, останав само јас. Имало побарувачка зашто тогаш немало толку фабрики, имало квалитет. Тоа е многу важно. Муштериите доаѓале во чаршијата, тука се одвивала главната трговија, метража, дали е сребро или злато, дали се ташнари или кондураџии. Сите [занаетчии] биле тука, во чаршијата. И сите имале работа и работеле многу добро“, вели Халили.

Убавината на занаетите е во нивната уникатност, бидејќи не можат да се изработат два исти производа, секој производ е рачно изработен и автентичен.

„Два јоргани нема исти, вие кога го купувате, тоа е уникат“, вели Халили, единствениот и последен јорганџија во Старата скопска чаршија.

Извор: Агенција Анадолија

 

Scroll to Top