Производителот на батериски ќелии „Нортволт“ од Шведска и компанијата за енергетика „Галп Енергија“ од Португалија договорија заедичко вложување за изградба на најголемата фабрика за преработка на литиум во Европа, пренесува „Ројтерс“.
Тие се договорија заедничкото вложување да биде 50:50. Во фарбиката „Аурора“ ќе се произведуваат 35.000 тони годишно од материјалот за изработка на литиум-јон батерии, што ќе биде доволно за производство на батерии со капацитет од вкупно 50 GWh, односно за околу 700.000 електрични автомобили. Таа би трабало да отпочне со работа во 2026 година.
Проектот чини 700 милиони евра, а ќе се отворат 1500 работни места. Сè уште не е утврдена точната локација каде што ќе се гради. Покрај пристанишниот град Синеш, во игра се уште многу други локации.
Денеска во Лисабон се одржа прес-конференција во Лисабон, каде што беше соопштено дека литиумот ќе се преработува на современ и ефикасен начин. Се планира користење зелена енергија при производството.
Шведскиот „Нортволт“ е основан во 2016 година од страна на поранешни директори во Тесла и оттогаш има склучено големи договори со Волво, Волксваген, Бе-ем-ве и други компании. Тој ќе користи половина од идната годишна продукција, додека останатата половина ќе им се продава на другите производители на батерии.