Јапонката Кане Танака, која важи за највозрасната жена на светот, го прослави својот 119. роденден. Таа го одбележа својот голем ден со вработените во домот за стари лица каде што живее, во префектурата Фукуока во југозападна Јапонија, пренесува Гардијан.
Според Гинисовата книга на рекорди, статусот ѝ бил признат во март 2019 година, кога имала 116 години, па оттогаш само продолжува да го надградува својот рекорд. Таа вели дека е решена да го продолжи рекордот за уште една година.
Танака е родена на 2 јануари 1903 година, шест месеци пред Џорџ Орвел. Јапонката, која ужива во газирани пијалаци и чоколадо, го доживеа владеењето на дури пет јапонски цареви, објави новинската агенција Кјодо.
Таа е една од големиот и сѐ поголемиот број јапонски стогодишници. Јапонското Министерство за здравство, во проценката од септември, во пресрет на годишниот Ден на почит кон старите лица, објави дека рекордни 86.510 лица имаат 100 или повеќе години, што е зголемување за 6.060 во споредба со претходната година.