Градоначалникот на Рио де Жанерио, Едуардо Паеш, преку својот интернет сајт објави дека и оваа година е откажан најголемиот карневал во светот. Иако претходно беше најавено дека карневалот ќе трае 40 дена, по состанокот со претставниците на карневалските групи, заедно решиле тој ни годинава да не се одржи.
„Не е изводливо да се одржи уличниот карневал додека важат ограничувањата за влез во земјата и другите мерки за корона и да се одржи уличната прослава на која се регистрирале стотици групи“, напиша тој.
Последниот карневал во Рио се одржа 2020 година, а лани беше првпат откажан, по 80 години постоење. На последното издание, повеќе од три милиони луѓе излегоа на улиците на Рио во текот на четирите дена.
Во меѓувреме, плановите за парадите на Самбодромот во февруари и март засега остануваат.
Според официјалните податоци, повеќе од 22 милиони луѓе во Бразил се заразени со коронавирус. Околу 618.000 луѓе починаа по компликации со Ковид-19. Само САД има поголем број на смртни случаи во светот, а втор по смртност е Бразил.
Како што напредуваше кампањата за вакцинација во Бразил, бројот на нови смртни случаи нагло се намали. Речиси 70 отсто од бразилското население сега е целосно вакцинирано. Но од почетокот на декември, кога беа откриени првите инфекции со новата варијанта Омикрон во земјата, бројот на позитивни случаи повторно расте со голема брзина.