Американки предизвикале пожар во Италија, не знаеле дека тестенини се готват со вода

Три американски студентки, кои биле на размена во Италија, предизвикале пожар оти пробале да зготват шпагети без вода. Настанот се случил 2018 година, но повторно стана актуелен пред неколку дена, кога приказната за трите девојки повторно се појави на 9GAG.

Инцидентот се случил на улицата Пеличерија во центарот на Фиренца, а пожарникарите брзо успеале да го изгаснат пламенот кој зафатил дел од кујната. Трите девојки подоцна во полиција раскажале дека купиле тестенини од маркет, ги ставиле во тенџере и ја вклучиле плочата, но не знаеле дека треба да стават вода во тенџерето.

Неколку минути подоцна, тенџерето се запалило, а тие викнале противпожарната служба. Веста за студентките кои не знаеле да готват тестенини брзо се раширила во таа земја, па готвачот Фабио Пичи решил да им даде часови за готвење за да научат како правилно се варат тестенини.

„Како четврта генерација готвачи од Фиренца се чувствувам виновен. Чувствувам дека има силен комуникациски дефицит во овој град. Што им пренесовме на овие девојки кои дојдоа овде да учат и се обидоа да го направат најтипичното јадење од нашата гастрономска култура? Не треба да се смееме, не е смешно. Решив да им дадам четиричасовен бесплатен курс за италијанско готвење и ги канам на ручек во мојот ресторан“, рекол готвачот за италијанските медиуми.

 

Scroll to Top