Русинот Алекс Буркан го создаде првиот функционален светлосен меч, кој може да пресече и челик. Неговиот изум е инспириран од оружјето на џедаите од филмовите „Војна на ѕвездите“, а влезе и во Гинисовата книга на рекордите.
Буркан, кој ја измисли првата светлосна сабја во светот, чие сечило може да се вовлекува, за себе вели дека е голем обожавател на серијалот „Војна на ѕвездите“, а дека мечот од филмот е негов најмил џиџе-додаток.
Мечот е патентиран, произведува плазма сечило долго повеќе од еден метар и достига температура која надминува 2.800 Целзиусови степени, а многу лесно може да пресече и челик, пишува Си-ен-ен.
Буркан во 2013 година проучувал опрема за производство на водород и така ја добил идејата за светлосниот меч. Тој неколку години собирал идеи и резервни делови од интернет и од депонии. Клуч за светлосниот меч е електролизаторот, кој ја дели водата на гасови на водород и кислород, процес што успеал да го приспособи по многу тестирање. Така, успеал да оформи облик и должина потребни за неговата светлосна сабја.
„Најголем предизвик беше да се стисне целиот систем за дистрибуција на гас во рачката на светлосниот меч“, вели Буркан.
Кога успеал во тоа, оружјето од популарниот филм станало реалност. Засега работи само 30 секунди при полна сила, но Буркан се надева дека ќе продолжи со надградба и замена на резервоарот.
„Мислам дека науката ќе помогне и, конечно, ќе може да се приближиме до светлосниот меч од филмската верзија“, вели тој.