Шпанец тврди дека живее во 2028 година: Сите исчезнаа, само јас преживеав, не сум видел човек 340 дена

Шпанецот Хавиер стана познат на социјалните мрежи со своите објави во кои тврди дека живее во 2028 година и дека е останат сам на светот. Неговите објави на ТикТок ги следат преку 6,5 милиони луѓе, пишува „Мирор“. Едни велат дека уживаат во неговите измислени приказни, но други веруваат дека тој навистина живее во иднината и оттаму испраќа пораки.

„Живеам во 2028 година. Не сум видел друг жив човек 340 дена. Сите ги снема“, вели во една од неговите снимки блогерот и ТикТокер кој се претставува само како Хавиер. Тој тврди дека во иднината останал сам, а како доказ објавува фотографии од празните улици на Валенсија, градот каде што живее.

На сликите градот е празен, без луѓе и животни, иако тука се автомобилите, велосипедите, автобусите. Хавиер тврди дека во иднина сè уште има струја и дека е достапен интернетот, па тој може да објавува содржини на интернет.

„Бев во многу градови. Барселона, Малага, Мадрид. Сите се празни. Што ми се случува? Зошто јас?“, прашува тој во една од најпопуларните снимки.

Хавиер бара помош од своите следбеници на ТикТок.

„Не знам зошто сум заглавен во ваква иднина. Се плашам. Денеска успеав да најдам нешто за јадење, но кој знае кога ќе најдам нешто следно. Кажете ми дали можете да ми помогнете на некој начин“, вели во една снимка.

Повеќето следбеници ги пофалија неговите видеа и признаа дека уживаат во нив, но дека се свесни дека сето тоа е лажно. Сепак, има и такви кои веруваа во приказните на Хавиер.

„Човекот има стотици снимки, од плоштади, музеи, од плажата, улици. На нив нема луѓе. Не знам што друго ви треба како доказ дека не лаже“, стои во коментарите.

Scroll to Top