Во Ротердам ќе се размонтира историскиот мост Де Хеф за под него да може да помине новата суперјахта на најбогатиот човек на светот, Џеф Безос Y721,. Луксузната јахта е долга 127 метри, чини 430 милиони евра, а ја изгради холандската фирма „Океанко“. Таа е превисока за да може да помине под мостот, па затоа привремено ќе се отстрани средниот дел од мостот. Трошоците ќе ги плати милијардерот и основач на „Амазон“.
Сепак, ваквата одлука на градските власти во Ротердам предизвика контроверзии оти челичниот мост е национален споменик. Откако во 2017 беше целосно реновиран и вратен во функција, властите кажаа дека нема повторно да биде размонтиран. Но, сега од кабинетот на градоначалникот велат дека се премислиле зашто изградбата на јахтата на Безос отворила нови работни места, а тие ветија дека мостот ќе биде вратен во сегашната состојба.
„Тоа е единствената маршрута кон морето. Проектот беше многу важен од економска перспектива и ја нагласи позицијата на Ротердам како поморска престолнина на Европа“, кажа лидерот на проектот Марсел Валравенс, кој додал и дека немало да биде практично јахтата да се доврши на друго место.