Македонскиот филм „Хомо“ е избран за најдобар на фестивал во Англија

Филмот „Хомо“ на режисерот Игор Иванов-Изи е прогласен за најдобар филм на интернационалниот фестивал Crossing the Screen во Англија, што се одржа меѓу 28 јануари и 3 февруари во Истбрн. Ова е седма награда за македонскиот филм на фестивалите во светот.

„Хомо“ светската премиера ја имаше во Индија, а досега е прикажан на дваесет филмски фестивали во Канада, САД, Велика Британија, Романија, Србија, Бугарија, Италија, Египет, Франција, Шпанија, Австралија. Покрај оваа, освои награди на фестивалите 7. Гбек Фестивал на игран Филм, Канада – награда за најдобар филм; „Индифест филмски награди“, САД – награда за извонредно достигнување; 54. World Fest Интернационален филмски фестивал Хјустон, САД – бронзена реми-награда; Waterfront Festival Лаваса, Индија – најдобра режија; 22. Фестивал на европски филм Лече, Италија – награда од публиката и награда од Cineuropa.

„Хомо“ раскажува приказна за животите на шест главни лика, кои се соочуваат со нехуманост, алчност и суровост, состојби што го уништуваат општеството.

Во филмот играат Александар Матовски-Цако, Наташа Петровиќ, Игор Ангелов, Јордан Симонов, Мајлинда Косумовиќ од Косово, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Сергеј Димовски, Јоана Буковски од Бугарија, Себастијан Каваца од Словенија, Јелена Јованова, Мони Дамевски, Славиша Кајевски, Мартин Манев.

Scroll to Top