Александар Васиљев (63) е човекот кој заработи отказ уште првиот ден од руската уметничка галерија во Екатеринбург, откако уништи слика вредна 750.000 долари.
Од што му било досадно, тој го уништил делото Three Figure на уметничката Ана Лепорскаја, направено во периодот 1932-1934 година.
Васиљев им нацртал очи на трите фигури со пенкало, а сега се брани и рече дека мислел дека цртежот го направил некој ученик.
„Да бидам искрен не ми се допадна сликата. Ми остави мрачен впечаток. Се обидов да поминам покрај нив без да ги погледнам. Гледав како луѓето реагираа и видов неколку тинејџери од 16 или 17 години како разговараат за тоа зошто немаат очи, уста и не се убави. Едно девојче ме праша дали сакам да им нацртам очи, кога веќе работам тука. Ми рекоа дека тоа се нивни цртежи и ми дадоа пенкало. Јас тогаш им нацртав очи. Мислев дека се обични детски цртежи. Видов како луѓето се смееја“, рече Василјев и додаде дека не знаел дека делото е скапоцено.
Ги замолил одговорните да го пуштат дома порано затоа што почнал да чувствува болки од раните кои ги добил во војната. Тој бил воен херој и бил одликуван со бројни признанија за воена храброст. Во војната во Чеченија бил застрелан неколку пати, а лекарите не верувале дека ќе преживее. Само четворица од 36 војници од неговата единица преживеале во една опасна вооружена битка која се случила далечната 1995 година. Васиљев бил еден од четворицата, а подоцна бил награден со медал за храброст.
Неговата жена Јулија рече дека тој бил сосема нормален човек, но дека понекогаш знае да биде наивен како дете. Сепак од Министерството за внатрешни работи го критикуваа за неговиот агресивен став, а поради несовесно однесување, сега му се заканува и затворска казна.
Полицијата веќе покренала постапка за вандализам. Од таму велат дека тој се однесувал агресивно и јасно им дал до знаење дека не му се допаѓа тоа што покренале постапка против него.
„Јас сум будала што го направив тоа. Признавам. Само сакам да ме оставите на мира и да живеам мирен живот со мојата сопруга“, рече Васиљев по инцидентот.
Сликата сега е вратена во познатата галерија во Москва, од каде била и позајмена. Се проценува дека реставрацијата ќе чини речиси 3.000 евра и дека сумата треба да ја плати фирмата за која работел Васиљев.
Медиумите пренесуваат дека тој одма заработил отказ и веројатно ќе мора да ја плати казната за вандализам. Сликата која тој ја уништи е дело на Ана Лепорскаја која починала во 1982 година, а била студентка на познатиот Казимир Малевич, иницијатор на авангардното движење кое го полуде светот во 20-тите години. Нејзиното дело „Три фигури“ прикажува тројца луѓе без лица.