Автопортретот „Диего и јас“ на мексиканската уметница Фрида Кало е најскапата латиноамериканска слика во историјата. Таа е изложена првпат по речиси 25 години во музејот во Буенос Аирес чиј сопственик ја купил.
Атопортрет на Фрида Кало е со нејзиниот типично интензивен поглед, и со нејзиниот сопруг – сликарот Диего Ривера, насликан на нејзиното чело над веѓите. Тој бил близок со позната мексиканска актерка, што е причина за болката на Кало, изразена во нејзината слика.
Фрида Кало делото го насликала 1949 година, купено е лани во ноември, на аукција во Њујорк за рекордни 34,9 милиони долари. Дотогаш најскапата слика од Латиноамериканец беше „Ривали“ од 1931, на Диего Ривера, продадена 2018 година, на наддавање за 9,76 милиони долари.
Едуардо Ф. Костантини, аргентински колекционер и основач на Музејот на латиноамериканска уметност во Буенос Аирес, најави дека делото од петок ќе биде поставено во склоп на изложбата „Трето око“.
– За мене Фрида е уникатна уметница. Таа имала драматичен живот којшто го раскажува без срам, спонтано и отворено. Мислам дека тоа е токму она што луѓето го сакаат кај неа, изјавил Костантини за иконата на феминизмот, која почина 1954 година, на 47-годишна возраст.
Изложбата ќе има 240 дела, многу од кои јавноста не ги видела речиси со десетлетија. „Диего и јас“ последен пат беше изложена во 1998 година.